Откако кинеските власти во понеделникот соопштиле дека еден студент во Вухан е заразен со колера, вчера е соопштено дека истиот сој на бактерија која ја предизвикува таа заразна болест е пронајдена кај желки на пазарот, објавува “Reuters”.
Иако инфекцијата со колера кај студентот не е поврзана со заразената желка, здравствените власти го затвориле штандот на пазарот каде се продаваат желки со мек оклоп. Пазарот бил дезинфициран, а сите кои биле во контакт со желките биле тестирани.
Иако нема цврсти показатели за избивање на епидемија на колера во Вухан, граѓаните се вознемирени за што најдобро зборува фактот дека микроблогот на таа тема на “Веибо”, кинески пандан на “Твитер”, има 200 милиони прегледи.
„Земете лекција од ковид и побрзајте со барање на изворите за да осигурите докази“, напишал еден корисник на Веибо.
Вознемиреноста на Кинезите поради колера е разбирлива со оглед на пандемијата на коронавирусот која на својот смртоносен поход низ светот тргнала токму од Вухан каде во декември 2019-та година избиле првите случаи на ковид-19, а биле поврзани со пазарот во Вухан, пишува “Reuters“.
Што се однесува до случајот со колера, Универзитетот во Вухан објавил дека на 8-ми јули во болница бил примен студент со симптоми како грозница, повраќање и дијареја. Студентот од тогаш два пати бил префрлен, секојпат во болница од повисоко ниво, и моментално е во карантин. Притоа му бил дијагностициран сојот колера 0139.
Домот во кој престојувал студентот, како и лабораторијата во која работел, се заклучени, а неговите блиски контакти се ставени во карантин. Тестирани се неколку стотици луѓе на факултетот, исто како и персоналот во болницата кој бил во контакт со студентот. Сите биле негативни, па властите во Вухан соопштиле дека студентот не предизвикал понатамошна инфекција.
Колерата е заразна болест на тенкото црево која ја предизвикува бактеријата “vibrio cholerae”. Симптомите, кои почнуваат еден до три дена по заразата со бактеријата, се движат од благи епизоди на пролив до тешка болест која може да доведе до смрт.