Естер Мартин (68) им подлегнала на повредите откако во семејната куќа во Есекс ја нападнале две кучиња, по што е уапсен нивниот сопственик Ешли Ворен.
Жената починала во саботата попладне, по што 39-годишниот сопственик на кучињата бил уапсен, но подоцна бил пуштен со кауција.
Според медиумите, Ворен ѝ бил зет, а целиот трагичен настан се случил пред очите на 11-годишниот внук кај кого Естер била на гости, пишува Мирор.
“Ако некој тропне на вашата врата ноќе и ви каже дека мајка ви е задавена до смрт, дали ќе им верувате? Можеше да има две жртви, тој можеше да умре”, рекла ќерката Кели.
Кели објаснила дека нејзината мајка изразила загриженост за кучињата кои се агресивни и сакала да користи метла за да ги раздвои.
Полицијата потврдила дека мештаните кои го слушнале нејзиниот плач истрчале кон имотот и се обиделе да ја спасат жената.
„Истрагата добро напредува, работиме со експерти за да ја потврдиме расата на кучињата. Можеби ќе потрае неколку дена, но важно е да дознаеме“, пренесува Мирор.
Како што изјавила ќерката на трагично починатата жена, станува збор за расата бул XL, чие одгледување на почетокот на јануари било забрането во Англија. Сопственикот имал две возрасни кучиња и шест кученца кај него.
„Имаше раса XL и на мајка ми ѝ рекоа дека се опасни“, вели ќерката.
За мајка си имала само пофални зборови и изразила жалење што ја снашла трагичната судбина на гости кај нејзиниот внук.
„Таа беше неверојатна. Пензионирана, но се обидуваше да си го врати животот на вистинскиот пат откако мојата сестра почина пред две години. Дојде да го посети мојот внук и сега е мртва. Ѝ кажавме дека се опасни. “ додаде ќерката.
Нападот се случил само неколку дена откако расата на кучиња XL Buli е забранета поради честите напади во последниве години. Тоа значи дека сега е незаконски да се поседува таков тип на куче и се смета за кривично дело. Сопствениците може да бидат казнети, а во случај на насилни инциденти, сопствениците може да бидат казнети со затвор до 14 години и забрана за поседување животни.