Заради тежината од минатонеделниот снег, дождот и големата влага, падна покривот на Домот на култура во битолското село Бистрица – објави Алфа.мк. За среќа, повредени нема, иако тој е составен дел во комплексот на основното училиште “Крсте Петков Мисирков“.
– Сега, откако падна снегот после тоа отежна и пред два три дена падна чатијата. Децата беа на школо и среќа голема е што беа на час и не беа надвор. Срамота во едно вакво школо убаво изградено, оваа грдосија да биде овде – рече за алфа.мк Герман Стојчев, жител на село Бистрица.
Од власта велат дека бившиот градоначалник Талески дал празно ветување дека од Домот ќе направи спортска сала, а на денешниот прес од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека за градоначалничката Петровска, во изборната кампања бил ставен како еден од нејзините приоритети. Сепак, во овој случај никој не настрада, а генералната слика е дека во речиси сите битолски села, ваквите објекти се заборавени и препуштени на заботот на времето.
Инаку, овој објект е напуштен скоро две децении, а жителите постојано барале да се реконструира или пренамени. Објектот е под надлежност на Министерството за образование.