Полицијата во Њујорк ја истражува мистериозната смрт на албанскиот актер и неговата сопруга, кои паднале од шести кат во зграда и истражуваат дали можеби имало знаци на тепачка.
Албанскиот актер Флоринд Белиу (35) и неговата сопруга Орнела Шехи (28) во саботата околу 9 часот биле пронајдени мртви во дворот на зграда во Бронкс. Тие биле прогласени за мртви десетина минути подоцна, а пријателите и соседите ги идентификувале. Соседите велат дека го слушнале плачот на нивните синови на две и шест годишна возраст по падот на нивната мајка од шестиот кат, а локален извор за Њујорк пост изјавил дека Орнела паднала прва, а неколку секунди подоцна и нејзиниот сопруг.
Во станот наводно не била пронајдена проштална порака, а додека се чекаат резултатите од обдукцијата, полицијата истражува дали можеби имало знаци на борба пред кобниот пад. Откако неколку соседи го опишале актерот како „лут човек“ кој „држеше до себе“, полициски извор за Пост изјави дека мажот можеби страдал од ментално растројство.
„Во станот има знаци кои покажуваат дека сѐ не било во склад, како да не решиле само да ги остават децата и да скокнат“, велат од полицијата.
Соседите исто така истакнале дека Флоринд тој кобен ден го прославувал својот роденден, а парот го опишале како тивок и повлечен. Инаку, сопружниците пред четири месеци се вселиле во нов стан со двете деца, а до полицијата нема дојави за семејно насилство.
Актерот дипломирал на Универзитетот во Тирана, настапувал на телевизија и во театар пред да се пресели во САД. Во интервјуто кое го дал пред две години, тој открил дека работи на две книги и филмско сценарио кои сака да ги претстави на Нетфликс.