Граѓаните веќе калкулираат колку пари ќе им треба за откуп на најмногу 5 години стаж за да заминат предвреме во пензија од јануари следната година, како што најави премиерот Зоран Заев во септември, но ова прашање сѐ уште не дошло на дневен ред во Министерството за труд и социјална политика и Eкономско- социјалниот совет каде што се договара новиот изглед на Законот за работни односи чие донесување е најавено за следната година. Нема ниту најава за измени на Законот за ПИОМ каде што и фактички може да се регулира.
Министерството за труд и социјална политика до крајот на годината нема да работи на ова прашање бидејќи во моментов, како што не информираа оттаму, работат на измените на законот за работни односи кои се однесуваат на ограничувањето на пензионирањето на 64 години кои се во собраниска процедура. Не се знае и дали следната година ќе биде покренато.
– Не можеме да кажеме дека на ова прашање во Министерството за труд и социјална политика ќе се работи следната година – ни изјавија од Министерството.
Работодавачите, пак, го проблематизираат не само ограничувањето на старосната граница, туку и прашањето за предвремено пензионирање или откуп на стаж.