Од претходно критикуван, до модел за респект, пишува „New York Times“ за италијанскиот модел на борба против ковидната пандемија.
Дописникот на весникот од Рим, Џонсон Хоровиц, наведува дека Италија успеа да ја доведе во нормала инфекцијата со коронавирусот, благодарение на мешавината на мерки со цврст карантин на целата национална територија.
Весникот пишува дека ова е успех на одлична работа направена од научниот и техничкиот тим на владата, кои во соработка со локалните комитети, лекари и болници, секојдневно ја следи епидемиолошката состојба, заснована на 20 индикатори и реагираше брзо каде се шири вирусот.
-Благодарение на тоа, Италија имаше седмично радиографско снимање на епидемиолошката состојба, врз основа на која владата, во соработка со Институтот за здравство, донесе здравствени и политички решенија, се наведува во текстот.
Весникот ја поздравува одлуката на италијанската влада да ја продолжи вонредната состојба до 15 октомври, што ѝ овозможува брзо да реагира и да преземе мерки во случај вирусот повторно да почне да се шири.
Дописникот на весникот проценува дека мерките преземени од италијанската влада биле многу скапи за економијата на земјата.
Оваа година, бруто-националниот приход ќе биде помал за фантастични 10 проценти, се заклучува во весникот, кој за кратко време објави два текста за таканаречениот „италијански модел“ на борбата против пандемијата на вирусот корона.