По вчерашната брутална тепачка во центарот во Струмица во која беше истепан еден човек, на социјалните се обрати и девојка која тврди дека претходно била нападната од група вооружени лица, објави „Струмица денес“.
„После сите реакции од медиумите сметам дека јавно треба да се обратам. Жители од Баница ме нападнаа физички и вербално, а со нив носеа секири и ножеви, зар тоа да дозволиме да се случува во центарот на градот од хулигани кои шетаат со ладно оружје? Ги повикувам надлежните институцции да застанат во одбрана на вистината. Зашто ако не се спречат навреме следни жртви на насилство ќе бидат нивни ќерки и синови“, напиша девојката.
Според неофицијални информации девојката поради која настанала тепачката работела во казино, а ја нападнале со ножеви и секири.
Инаку, дел од медиумите објавија дека наводно еден од телохранителите на премиерот Зоран Заев бил вмешан во инцидентот, но тој веднаш на Фејсбук ги демантираше гласините.
„Во врска со насловите и шпекулациите пласирани од некои портали, дека сум вмешан во тепање на лице, одговорно тврдам дека не сум бил дел од таквите случувања. Попатно, распрашувајќи се за настанот, добив информации дека ‘нападнатите лица‘ на видео снимката не биле само двајца туку биле дваесетина души од село Баница. Истите претходно извршиле напад на вработени во казино со дрвја, камења и со ладно оружје“, напиша Александар Трајков на социјалната мрежа.