Пратеникот Абдула Салиу од Алијансата за Албанците имал имал жестока препирка со пограничните службеници кај граничниот премин Блаце, вчера вечерта околу 18:30 часот, дознава Фронтлајн.
На влез во земјава, пратеникот не сакал да чека во редицата возила, се качил на тротоарот со својот Фолкваген Пасат, ги поминал возилата што чекале на ред, ја поминал кабината на пограничната служба и се довезол до просторот каде што се врши царина.
Пограничниот службеник дотрчал до возилото на пратеникот Салиу, кога тој излегол од возилото и му се развикал, фрлајќи му ги документите. Со висок тон му кажал дека е пратеник во Собранието на РСМ и дека за него не важат стандардните процедури при премин на границата.
Претходно, Салиу го испратил своето малолетно дете до кабината да ги даде документите и да ја пренесе пораката од татко му дека не можел да чека во ред. Службеникот ги одбил документите, бидејќи решил да го почитува и одржува редот меѓу патниците.
Раководителот на пограничниот премин се обидел да ја смири ситуацијата и да ја објасни процедурата за премин на граница, но Салиу продолжил со викање и дека тој никаде низ Европа не чекал на граница, ниту, пак, тука ќе чекал. Рекол и дека никој ништо не му може.
Според неофицијалните информации, службениците го предупредиле пратеникот Салиу дека ќе биде поднесен службен поднесок во врска со неговото однесување. Се работи за поднесоци по член 4 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по Законот гранична контрола (избегнување гранична контрола) и по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (престигнување колона).