Во интервјуто за „Хералд сан“, кое го дала заедно со нејзината ќерка Клои Латанзи во неделата, глумицата Оливија Њутн-Џон (72) рекла дека не планира да се вакцинира против коронавирусот. Пред две години беше откриено дека Оливија Њутн-Џон, ѕвезда на филмот „Брилијантин“, користела марихуана во медицински цели, откако по третпат ѝ беше дијагностициран рак на дојка, во четврти стадиум, во 2017 година.
Во интервјуто за „Хералд сан“, кое го дала со нејзината ќерка Клои Латанзи (34) во неделата, поп-иконата рекла дека не планира да се вакцинира против смртоносниот вирус.
– Не, во овој момент, не – вака одговорила актерката на прашањето дали наскоро ќе се вакцинира, пренесува Индепендент.
Иако Њутн-Џон не објаснила зошто не сака да се вакцинира, нејзината ќерка Клои Латанзи ги споделила своите необични ставови за вакцинацијата, наведувајќи дека е против „ставање жива и пестициди во (нејзиното) тело“, а кои, според неа, се наоѓаат во многу вакцини.
Латанзи, која верува дека „вистинскиот лек е она што доаѓа од земјата“, води фарма со канабис во Орегон со нејзиниот партнер Џејмс Дрискил и нема никакви научни или медицински квалификации, подвлекува „Индепендент“.
И покрај тврдењето дека „не е антиваксер“, ќерката на Њутн-Џон додала дека луѓето „им веруваат на вакцините затоа што лекарите велат дека се безбедни“.
Латанзи тврди дека таа „направила истражување“ и засега верува дека вакцините не се безбедни.
– Ако имав можност да земам билки и растенија како бебе, наместо да ми вбризгуваат токсини, ќе го направев тоа – инсистирала таа.