Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека ќе побараат враќање на средствата од тие што земале плата, а не работеле во општината.
– Вкупно 294 претходно вработени во општина Тетово или кои имале договор на дело не ми поднесоа извештај за нивното сработено, што значи земале плата, а не работеле. Буџетот се оштетувал за сума од околу 1 милион евра годишно. Ние ќе побараме овие средства да се вратат, ако треба и по судски пат. Разберете, за многумина не можевме два месеца договорите да им ги најдеме, скриени по фиоките – вели Касами.
Тој посочи дека со пари на општината се плаќале ручеци за активисти на политичката партија ДУИ.
-На пример, имаме сметка од 80,000 денари за ручек на кои биле партиски активисти на ДУИ. По објавувањето јавно на договорите на дело неколку луѓе ми се јавија, како на пример за овој случај каде ми рекоа дека тие не направиле никаква услуга за општината туку наплатиле за ручек кој изгледал како партиски ручек. Значи, се плаќале тие ручеци преку договор на дело, вели Касами во „Click Plus“ на ТВ21.