Британецот Роб Смол од март се наоѓа на островот Уполу во Самоа, кој е оддалечен околу 16.000 километри од Велика Британија, а неговата ситуација нема да се промени во скоро време.
Самоа која се наоѓа во Пацификот, нема регистрирано ниту еден случај на „Ковид-19“, а вонредната состојба сепак сè уште е на сила. Роб верува дека до Божик нема да може да си ја види својата партнерка Беки и својот четиригодишен син.
– Јас сум инструктор за нуркање. Обично работам два месеци во Самоа и два месеци во Лондон, така што со моето семејство сум околу шест месеци годишно – изјавил Роб за британските медиуми, а потоа објаснил дека иако многумина мислат дека тој е заробен во рајот, не е сè како што изгледа.
– Немам каде да одам. Заглавен сум во средниот дел на јужниотт Пацифик, ништо не сум направил веќе пет месеци, а крајот не е на повидок. Иако многумина мислат дека ова е рај, за мене рајот се семејството и блиските пријатели. Тоа чувство на среќа го добивате само кога сте во нивно друштво. Кога сте со нив, тогаш локацијата е целосно неважна, вели тој.
Роб додава дека туризмот во Самоа е целосноно замрен поради затворањето на границите. Неговата фирма е затворена од април и не е сигурен кога повторно ќе се отвори и додава дека неговото враќање дома е речиси невозможно поради глобалните ограничувања за патувања.
– Се чини дека границите овде во Самоа ќе бидат затворени до следната година. Нема помош од владата за компанија како нашата, така што можам само да се надевам. Не можам туку така да го напуштам бизнисот, домот и кучињата и да се надевам дека тие сè уште ќе бидат тука откако ќе се вратам во Самоа – рече Роб.
Бидејќи нема што да работи решил да го истражува островот,а времето го минува на плажа во близина на неговиот дом, уживајќи во погледот на чистото море и размислувајќи за своето семејство.
– Го истражувам островот со автомобил или мотор. Сакам да седам на пристаништето и да ја гледам недопрената сина вода што сјае под сончевите зраци – рече тој.