Тулио де Оливеира, бразилскиот виролог чиј тим го откри заразниот омикрон-сој на коронавирусот, смета дека медиумската паника што се прошири деновиве работи на штета на луѓето. Уште повеќе, тој смета дека забраните за патувања кои итно ги воведоа многу земји во светот немаат научна смисла, пишува Индекс.
„Понекогаш нè казнуваат затоа што сме транспарентни и работиме брзо“, се пожали Оливеира.
За да даде пример, Де Оливеира потсети дека Вашингтон воведе ваква забрана за патување на американските граѓани во Кина уште на почетокот на пандемијата, а дека САД имаа најголем број на зарази со коронавирусот.
Во меѓувреме, Јужноафриканската медицинска асоцијација (САМА) објави дека повеќето луѓе во земјата кои се заразиле со новата варијанта на коронавирусот, не развиле сериозна клиничка слика. Пациентите најмногу се жалеле на болки во телото и замор, екстремен замор и тоа биле симптоми кај помладата генерација, а не кај постарите луѓе.
И Светската здравствена организација (СЗО) ги повика денес државите да ги „остават границите отворени“. Оттаму повикуваат државите да го одберат „научниот пристап заснован на проценка на ризикот“.
„Клучно е земјите кои се транспарентни во објавата на податоците да добијат поддршка, тоа е единствениот начин на кој ќе обезбедиме на време да ги добиеме важните податоци“, наведува СЗО.