Семејството на Коста К.(13), кој на 3 мај уби осум деца и училишен чувар во ОУ „Владислав Рибникар“ Белград, најверојатно од безбедносни причини ќе се пресели во странство. Мајката на Коста и неговата десетгодишна сестра би можеле први да ја напуштат Србија, а да им се придружи и таткото на момчето-убиец, откако тој ќе излезе од затвор, пишува Пинк.рс.
Психолозите и криминолозите сметаат дека ова е најдоброто решение за ова семејство, особено за сестрата на Коста.
Родителите на Коста добија стотици закани преку Интернет по невиденото злосторство што го изврши нивниот син. Таткото Владимир, моментално е зад решетки, а мајката, земала неплатен одмор од Биолошкиот факултет каде работи и е со ќерката во непознато место во Србија. Во тоа училиште сигурно нема да се врати помалата сестра на Коста, која исто како него учеше во основното училиште „Владимир Рибникар“ и моментално е четврто одделение.
Милан Костиќ, психолог и судски вештак, смета дека и помалата сестра на Коста е жртва на нејзиниот брат, бидејќи таа ќе ги сноси последиците од неговото дело до крајот на животот.
-Таа девојка не направи ништо, а цел живот ќе биде обележана и жигосана. Тоа ќе го прави околината и мислам дека треба да се заштити што е можно повеќе. Ваквата ситуација кај нас не е вообичаена, но важно е да и се објасни на мајката колку е сложена ситуацијата за нив и дека можеби најдоброто решение е да ја напуштат државата. Мислам дека разделбата од Коста е неопходна во овој случај. Мајката треба да разбере дека покрај синот има и ќерка и дека мора да направи нешто за да ја заштити – вели Костиќ и додава:
– Уништено е се, вклучително и неговиот живот и животите на сите семејства кои ги огорчи со својот чин. Ги уништи и животите на својата мајка, татко и сестра. Неговото семејство многу години ќе трпи страшни последици бидејќи вакво нешто тешко се заборава.