-Минатата недела, но и оваа, бројките покажуваат дека ковид-19 се шири, а тоа е причина да се вратат благи рестриктивни мерки, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје-Скопје. Според евиденцијата, бројот на смртни случаи е загрижувачки висок, а не опаѓа ниту бројот на новозаразени пациенти, што зборува дека ширењето на вирусот не стивнува, пишува Мета.мк.
– Ситуацијата е сериозна. Ние сме далеку од спас од ковид-19 и тоа е така зашто не ги почитуваме мерките. Затоа, можно е да се воведат рестриктивни мерки од типот на намалување на работното време на локалите кои сега работат до 12 односно 1 часот по полноќ. Потоа, има шанси да има рестрикции во јавниот градски и меѓуградски превоз. Училиштата и градинките ќе си работат бидејќи таму се очекува да се почитуваат мерките и протоколите. Ние половина година константно имаме проблем, не сме имале досега ниту еден ден без ковид случај и ден без смртен случај – вели д-р Стојанов за Мета.