Мауро Моранди (81), нарекуван италијански „Робинзон Крусо“, живее на островот Будели, дел од архипелагот Мадалена во близина на Сардинија, уште од 1989 година.
Таа година, една незгода со неговиот чамец го довела на напуштениот остров кој е познат по своите розови плажи и беспрекорно чиста вода. Набрзо потоа одлучил островот да стане неговиот нов дом.
Се населил во засолниште од Втората светска војна со поглед на море. Го запознал секој дел од островот и неговиот жив свет и одлучил да стане негов заштитник. Сега, поради одлуката на власта, тој до крајот на годината ќе мора да го напушти островот, затоа што Будели ќе стане опсерваторија за заштита на околината.
На туристите им е забрането одење на розовата плажа на островот и пливање во морето од 90-тите години. Но, во текот на денот тие можеле да го посетат островот со брод и да се шетаат зад познатата плажа. Со години, Моранди, кој денес донекаде потсетува на Ернест Хемингвеј, ги чуваше плажите непроменети и ги чистеше патеките. Во целосна изолација далеку од родниот град Модена во Емилија Ромања, Моранди примал само неколку посетители, најчесто во текот на летните месеци. Тој вовел и еднодневни екскурзии на јахти и чамци за запознавање со екосистемот на островот.
За овој италијански Робинзон Крусо, тивкиот живот во природа сега би можел нагло да се прекине.
– Мислата за враќање во живот и општество кое лошо ја третира природата е многу вознемирувачки факт. Природата треба да се сака и почитува – рече тој за „Гардијан“.
Неговата улога како заштитник на екосистемот за прв пат се најде под закана во 2013 година кога компанијата што го поседува островот банкротирала. Плановите за продажба на островот во 2013 година на бизнисменот од Нов Зеланд, Малком Харт, кој вети дека ќе го задржи Моранди на островот, не успеале поради интервенцијата на италијанската влада. Судијата од Сардинија пресуди во 2016 година островот да се врати на државата. Со островот Будели сега управуваат Националните паркови Ла Мадалена, кои планираат да го претворат островот во центар за едукација. Затоа Моранди треба да се исели од својот дом до крајот на годината.
На Мауро Моранди, кој живее на рајски остров надвор од цивилизацијата повеќе од три децении, му се заканува иселување.
Но, тој тврди дека нема „втор дом“.
„Разбирам дека на островот треба да работат и дека јас не би требало да бидам тука додека тоа се случува, но би сакал да знам дали ќе можам да се вратам потоа за да бидам чувар на островот“, вели Моранди.
Моранди последен пат го напуштил островот во 2018-та година за да ги посети своите деца во Модена. Храната му се доставува со брод, а соларниот систем му обезбедува електрична енерија во текот на целата година. Во текот на зимата кога нема посетители, тој собира дрва и претежно чита книги и спие. Моранди вели дека не се разболел додека живеел на островот.
Иако долго време му одолевал на модерниот живот, сега секојдневно користи Инстаграм и неговите фотографии од островот станаа сензација на социјхалните мрежи. Тој моментално има над 50 илјади следбеници.