Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров синоќа на Фејсбук објави дека не се појавил на собраниска седница на Комисијата за надворешна политика затоа што, како што вели тој, немал намера да го загрозува своето и здравјето на другите.
“На два ума бев дали воопшто вреди да објаснувам, но вистината е над се’.
И покрај тоа што поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието ја добив буквално од вчера за денес, мојот кабинет веднаш стапи во контакт и посочи дека би сакал да учествувам во дебатата во било кој формат, но дигитално, со оглед на Ковид19.
Ни одговорија дека немаат таква можност по Деловникот. Им укажавме дека може да биде и неформална седница или конференција.
Па разбравме дека наводно немале технички можности (за таква работа замислете треба компјутер).
Во услови кога деновите ми се важни, и треба да бидам негативен за да си ја работам работата, немам намера да си го загрозувам моето и здравјето на другите.
Толку околу “шокираноста” што не сум се појавил“, напиша Димитров.
Инаку, претходно опозицијата го покани Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да објаснат за ситуацијата со преговорите со Бугарија во период кога во Брисел се разговара за преговарачката рамка со Македонија.