Невакцинираните лица имаат 11 пати поголема веројатност да го загубат животот доколку се заразат со коронавирусот отколку оние кои ја примиле вакцината, се вели во извештајот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски рече дека извештајот се базира на преглед на случаи на инфекција, хоспитализација и смртни случаи во 13 американски држави и дека тие се доказ за моќта на вакцинацијата против коронавирус.
Студијата беше спроведена на 600.000 заразени возрасни и податоци од 187 болници во 13 американски држави.
Студијата ги разгледа податоците од последните два месеци кога високо преносливата делта-варијанта стана доминантен вид на коронавирус во САД и откри дека покрај драматично зголемување на заштитата од смртни случаи поврзани со вирусот, вакцините штитат и од инфекции и хоспитализации.
Валенски рече дека во споредба со вакцинираните лица, невакцинираните лица имаат приближно 4,5 пати поголема веројатност да добијат КОВИД-19 и над 10 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани.
„Како што покажавме во серија студии, вакцинацијата функционира. Заклучокот е следниот, ги имаме потребните научни алатки за да направиме пресврт вооднос на оваа пандемија “, рече Валенски.