Во периодот од 8 до 14 октомври од коронавирус починале 105 пациенти, а 75 % од нив не биле вакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во овој период 26 пациенти биле вакцинирани, а само еден од починатите немал хронично заболување и имал 80 години, информира Министерството за здравство.
Двајца од починатите пациенти биле вакцинирани со вакцината на „Фајзер“, тројца со вакцината на „Астразенека“, четири починати пациенти примиле вакцина „синовак“, а 17 пациенти примиле вакцина од производителот „Синофарм“.
Според податоците од Министерството за здравство, најголем број од лицата кои биле вакцинирани и кои починале од коронавирус имале кардиолошки заболувања и дијабет. Останатите имале белодробно заболување, бубрежно заболување, невромускуларно заболување, хипотироидизам и малигно заболување.
Денеска Комитетот за имунизација донесе одлука сите кои се вакцинирале со кинеските вакцини да примат трета доза три месеци по втората, наместо шест како што е препораката за другите типови вакцини.
Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот Фајзер, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, Фајзер, Астра Зенека или Спутник В, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација.
Инаку, со вакцината „Синофарм“, беа вакцинирани и најголем дел од членовите на Владата.