Норвешкиот научник кој ја откри врската меѓу крвните згрутчувања и вакцината на Астразенека пет години примал пари од конкурентската компанија Фајзер, пишуваат норвешките медиуми.
Во последните пет години, норвешкиот хематолог Пал Андре Холме примил над еден милион круни од „Фајзер“ и „Баер“, објави норвешкиот весник „ВГ“.
Тој и уште неколку негови колеги се автори на научната студија во која е утврдено дека смртните случаи од згрутчување на крвта кај тројца здравствени работници во Норвешка е поради вакцината на „АстраЗенека“.
Пал Андре Холме е шеф на Одделот за крвни болести на Универзитетската болница во Осло и тој го предводеше клиничкиот дел од студијата. Но, она што не е споменато во студијата е дека тој примил 265.438 круни од фармацевтската компанија „Фајзер“ од 2015 до 2019 година и уште 663.659 круни од „Баер“.
Дополнително, неговата компанија „Хемаконсулт“ добила 262.450 и 57.697 круни од „Фајзер“ и „Баер“ во 2019 година, или вкупно 1.249.244 круни за пет години, што е околу 125 илјади евра, пишува „ВГ“.
Сепак, тие негираат дека тоа има каква било врска со извештајот за згрутчување на крвта претставен во Њу Ингланд џурнал од медисин, но истовремено признаваат дека требало да бидат потранспарентни во врска со приходите.