Режисерката на “Медена земја”, Тамара Котевска, наместо во креација на модната креаторка Тања Кокев, како што претходно било договорено, на доделувањето на Оскарите носеше фустан од Марк Боуер од Њујорк кој важи за еден од најангажираните дизајнери чии креации често ги носат ѕвездите на црвениот тепих во Холивуд.
„Со нетрпение го очекувам црвениот килим и мојата омилена Атиџе во ‘Кокев’. Ви благодарам на безрезервната доверба медењаци што ми дозволивте да ве стокмам. Тамара Котевска сепак се одлучи за дизајн кој не е креација на ‘Кокев’. Ви ја посакувам сета среќа на светов и вратете ни се со Оскар“, напиша пред доделувањето на Оскарите, Тања Кокев.
На ноќта на Оскарите, Атиџе ги носеше традиционални шалвари, додека машкиот дел од тимот се одлучи за смокинзи со потпис на ателјето “Кокев”.
Инаку, денеска, со почеток во 9 часот, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, Скопје ќе се одржи онлајн прес-конференција со тимот на „Медена земја“ на која ќе се обрати филмската екипа од Лос Анџелес во состав: режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума, како и главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муратова.