Нови реакции пристигнуваат од Русија за забраната за прелет на авионот со шефот на руската дипломатија на Србија, кој денеска требаше да ја стартува дводневната посета.
„Москва и Белград мора исклучително остро да одговорат на затворањето на воздушниот простор од страна на соседите на Србија за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров“, изјави потпретседателот на Горниот дом на рускиот парламент Константин Косачев.
Тој смета дека оваа одлука е удар за Русија и Србија како држави.
Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра, во формат не само дипломатски протести, туку и конкретни практични одговори. Тоа беше непочитување“, напиша пратеникот на каналот Телеграм.
Според него, одлуката на Бугарија, Црна Гора и Северна Македонија да не го пропуштат авионот на рускиот министер не е независна.
„Сите три земји го загубија својот суверенитет со влезот во НАТО“, рече Косачев.
Тој додаде дека „НАТО се обидува да го окупира и потчини остатокот од Европа со директно мешање во билатералните работи на Русија и Србија“, рече тој.
„Следната фаза ќе биде проширување на сојузот на целиот свет, каде Кина ќе стане стратешки број два по Русија“, додаде рускиот пратеник.