Директорот и сопственик на училиштето за глума “Ствар срца“,Мирослав Мика Алексиќ кој е осомничен за силување и незаконски сексуални дејствија, вчера повторно бил сослушан во Вишото обвинителство во Белград, откако уште пет студентки го пријавија за сексуално малтретирање.
Како што дознаваат српските медиуми, две од нив ќе имаат статус на жртви, додека три ќе бидат сослушани како сведоци.
Според неофицијалните информации, Алексиќ накратко ги демантирал наводите на девојките кои го обвинуваат вчера, како и за време на првото рочиште во обвинителството, но тој не зборувал детално ниту одговарал на прашања.
– Алексиќ, придружуван од затворските чувари, вчера накратко беше пренесен од Централниот затвор во Палатата на правдата. Иако се жали на лошо здравје, по испрашувањето бил вратен во својата ќелија – објаснува соговорникот за српски „Курир“.
Тој доби притвор во траење од 30 дена на 18 јануари. По две недели во самица, според неофицијални информации, бил префрлен во групна просторија.
– За време на истрагата беа испитани девојките кои го пријавија, вклучувајќи ги и младите актерки Милена Радуловиќ и Ива Илинчиќ, како и една малолетна девојка. По нив и обелоденувањето на целата приказна во јавноста, се појавија нови девојки. Петмина од нив се подготвени да сведочат за сексуално злоставување – вели извор од истрагата.
Обвинителството започна и со сослушување на првите сведоци, меѓу кои беше и актерот Радован Вујовиќ, инаку поранешното момче на Милена Радуловиќ.
Според неофицијални информации, одбраната најавила дека ќе повика 200 сведоци, кои ќе зборуваат во корист на Алексиќ.
– Меѓу сведоците што ќе ги повика одбраната, како што се шпекулира, може да биде и актерот Вук Костиќ, бидејќи повремено одржуваше часови во школата за глума, но и поради исклучително блиските односи со Алексиќ – открива соговорникот.
Инаку, ако биде осуден Алексиќ може да добие затворска казна од 15 години.