Наставникот во ОУ ,,Кочо Рацин“ во Прилеп, Гоце Бумбароски кој преку својата Фејсбук страница ,,Наставник Гоце Бумбароски“ има повеќе од 5.000 следачи, вели дека е подготвен своите деца да ги испрати во училиште и градинка. Верува во нивната одговорност. Него го загрижуваат разгалени родители и неодговорните институции.
,,Точно пет месеци училиштата се под посебен режим на работа поради ситуацијата со Корона вирусот. И замислете, по 5 месеци ние немаме официјален став од надлежните за почетокот на новата учебна година која наскоро ќе ни тропне на врата. Кога велам надлежни не мислам само на министерствата. Едно нешто не можам да разберам, а тоа е тоталната централизација. Министерството одлучува за сите нас, а ние немаме исти услови за работа, и немаме иста стартна точка“-вели Бумбароски.
Секоја општина, секое училиште, секое одделение, секое семејство се приказна за себе, смета тој и прашува, зарем не е најдобро секоја општина, училиште, учител и семејство да одлучуваат за начинот на реализација на наставата од 1ви Септември?
,,Како родител подготвен сум моите деца да ги пратам во училиште/градинка затоа што верувам во нивната одговорност и почитување на протоколите за заштита од Ковид19. Мене ме загриживаат несовесните родители кои и пред оваа пандемија ги праќаа своите деца под лекарства и терапија во училиште/градинка, ме загрижува нивната безгрижност, лажирани бактериолошки брисови… Ме загрижуваат разгалените родители и нивните разгалени деца.
Но, исто така како родител подготвен сум и да ја дадам мојата поддршка за онлајн наставата, доколку тоа е единственото понудено решение.
Како наставник ќе им излезам во пресрет на сите мои ученици:
За сите родители кои сакаат нивните деца да посетуваат настава со физичко присуство јас ќе им бидам достапен на моето работно место со сите потребни пропишани протоколи за заштита.
На оние родители кои сакаат нивните деца да следат онлајн настава исто така ќе им излезам во пресрет со тоа што ќе можат да добиваат задолженија преку онлајн платформа.
П.С
Најлесно е да ги обвиниме наставниците или родителите за различните размислувања кои ги имаат. Но одговорноста е кај секој од нас. Доколку сите одговорно постапуваме и се придржуваме кон правилата, нема потреба од грижи, навреди и префрлање на топката од едни кон други…
П.П.С
„Движењето е многу важно за децата. Затоа не смееме да им дозволиме да седат и да гледаат во екранот седум или осум часа. Живи суштества што не се движат се растенијата, тие немаат неврони, а мозокот се развива во движење. Детето мора да открие додека учи“ – Ранко Рајовиќ“, напиша наставникот на Бумбароски.