Мендух Тачи од ДПА, синоќа на гостувањето на „Клик Плус“ на ТВ21 кажа дека Заев направи повеќе за Албанците отколку ДУИ. За пример го зема Законот за употребата на јазици, за кој кажа дека ДУИ и претходно откако беше на власт не успеале да го донесат, туку кога дошол Заев и СДСМ.
-Требаше да дојде Заев и СДСМ и да се донесе законот за јазиците. Нели, ДУИ ни беше на власт заедно со ВМРО-ДПМНЕ и не го донесе тој закон порано“, рече Тачи кој остро го нападна Али Ахмети.
-Не можеме да заборавиме на 10 години власт на ДУИ заедно со ВМРО-ДПМНЕ на Груевски. ДУИ немаше никаква одговорност во таа власт“, порача Мендух Тачи и нагласи дека за него е „симпатично“ тоа што Ахмети се борел земјава да стане дел од НАТО и ЕУ, а токму тој ја нападнал Македонија со оружје кога се потпишувал Договор за асоцијација и стабилизација.
Тачи рече дека политичкото однесување на ДУИ требало да биде казнето, но и дека тој сноси дел од одговорноста зошто е тоа така.
-ДУИ беше една атракција на изигрување на фолклор и романтизам за Албанците. Потоа се појавија многу „глумци“ на ДУИ почнувајќи од поранешните портпароли и портпалки па се до сегашниот заменик премиер. Таквото политичко однесување, за жал, не успеа да се казни. Малку и јас ја сносам одговорноста, зошто не успеав да ги победам, рече Тачи.
Според него, најсилното решение за спречување на коронавирусот е строг карантин од најмалку 20 дена, а смета дека најдоброто решение за вирусот е вакцината.
„Како лекар ќе зборувам. Јас сум за карантин најмалку 20 дена. Строг карантин. Од прилика полициски час, и да се дозволи само купување на намирници. Најсилното оружје за коронавирусот е карантинот, а најдоброто е вакцината“, изјави Тачи, коментирајќи зошто Македонија има проблем со набавка на вакцините:
„Затоа што сме мали и слаби, затоа што имаме проблем со двоен стандард“, вели Тачи.