Болница во Велика Британија изрази големо жалење, откако манекенката Порше Мек Грегор Симс почина од агресивен рак на грлото на матката. Поради симптомите, манекенката пред четири месеци се обратила кај лекар, кој тогаш ѝ рекол дека проблемот се крие во хормоните, нагласувајќи дека тоа „не е ништо страшно“.
Кога конечно ѝ била правилно поставена дијагноза, Порше Мекгрегор Симс починала во болница само еден ден откако била примена. Националната здравствена служба (НХС) соопшти дека ова е еден од „најтажните случаи“.
Гинекологот, кај кого оваа 27-годишната девојка дошла на преглед, рекол дека нејзините симптоми се поврзани со нуспојавите од прекин на контролата на раѓање или од синдромот на нервозно црево. Д-р Питер Шлезингер, специјалист по гинекологија и акушерство, рекол дека симптомите на Порше, вклучително и крвавењето по сексуален однос, не можеле да го наведат да помисли дека има сериозна болест
„Доктор Шлезингер да ја прегледаше на крајот на јануари, побрзо ќе беше упатена на колпоскопија, каде што ќе ѝ беше поставена дијагноза“, изјавила д-р Клер Бартон.
„На 24 јануари, Порше била кај гинеколог кој не ја прегледал ниту ја упатил на колпоскопија. Наместо тоа, добила совети што се однесуваат на хормоните. Не е јасно дека упатувањето во јануари ќе го променел трагичниот исход, но пораната дијагноза нејзе и на нејзиното семејство би им дало повеќе време да се подготват. Во никој случај не се обидувам да ги омаловажам страдањата на семејството, но нема докази дека пораната дијагноза би го променила исходот“, соопштила лекарката.
Порше, која била свршена, со месеци се жалеше на болки во стомакот и вагинално крвавење, а лекарите, нејзиното отежнато дишење, го препишуваа на прележаниот ковид. Истрагата, која завршила во средата, покажала дека едноставен физички преглед можел да доведе до порана дијагноза.
Д-р Шлезингер (71) на сослушувањето рекол дека мислел дека нејзините симптоми се „хормонални“ бидејќи манекенката престанала да прима контрацептивни инјекции една година пред својата смрт. Сите пациентки кои ги прегледал д-р Шлезингер сега биле повторно прегледани од друг лекар, открила истрагата за овој случај.