Државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска информира дека преку електронската пошта се шири допис, потпишан со нејзиното име, но за кој тврди дека е фалсификат. Во лажниот допис пишува дека одредени лица се повикуваат во МВР поради тековна истрага. Ваков документ утрово стаса и до нашата редакција.
-Ве известувам дека преку електронската пошта циркулира, фалсификуван допис. Истиот не е ниту испратен, ниту потпишан од мене, како Државен секретар на МВР. Се работи за груб фалсификат со цел да предизвика вознемиреност кај граѓаните, – напиша Несторовска на Фејсбук.
Инаку, и Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека деновиве до одредени граѓани и правни лица од страна на сторител кој лажно се претставува во име на МВР, односно во име на државниот секретар Магдалена Несторовска, се упатени лажни покани преку електронска пошта во врска со наводна тековна истрага.