Во автобуската несреќа што изутринава се случи во Србија, на магистралниот пат Блаце-Белољин, повредени се вкупно 26 патници. 18 од нив се згрижени во болницата во Блаце, а 8 во Прокупље, дознава Алсат од извори во македонското МНР. Како што велат од таму, само едно лице е со потешки повреди и е згрижено во болницата во Прокупље.
Според неофицијална информација од Болницата во Блаце, Србија, патниците биле претежно од Радовиш.
Од МВР велат дека македонската Амбасада во Белград е во постојана комуникација со надлежните органи.
Увидот на местото на несреќата сѐ уште е во тек и засега не се соопштуваат повеќе информации во врска со причините за несреќата.
Како што претходно информиравме, автобусот се превртел на делница којашто не е асфалтирана и на којашто се извршуваат градежни активности.