Македонските граѓани повеќе нема да мора да одат на пазарење во Лидл во Врање. Германскиот трговски синџир доаѓа во Македонија.
Лидл ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Една од најголемите компании во малопродажбата во светот во петокот ја регистрираше подружницата Лидл Cеверна Македонија Дооел со седиште во скопски Центар и со паричен влог од 500.000 евра, објави вчера Централен регистар, пишува Фактор.
Сопственик е германската матична компанија ВЕ-Интернационал Цвајте ГмбХ од Некарзулм, но субјектот специјализиран за трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ќе биде управуван од Софија, од бизнисмените Милена Емилова Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев. Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.
Инаку, во моментов „Лидл“ има 100 продавници во Бугарија на 49 локации и вработува 3.000 работници, а има експанзионистички план за оваа година за отварање на уште пет маркети и вработување на уште 250 луѓе. Нето-профитот за 2019 во Бугарија бил 41,25 милиони евра.
„Лидл“ во соседна Србија е присутен од 2018 година и до сега има вкупно 41 објект. Во Хрватска работи од 2006 година. Трговскиот синџир оперира во 30-тина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД. „Лидл“ секој ден опслужува по околу 10 милиони купувачи.