Рекетот на групата Боки 13 -ка не завршил само кај бизнисменот Јордан Камчев кој случајот го пријавил во полиција – дознава „Економски Лидер“ од извори во истрагата. Освен Камчев, биле рекетирани и десетици други бизнисмени и компании кои платиле рекет вреден над 5 милиони евра.
Неофицијално оваа група изрекетирала пари од печатницата „ЕВРОПА 92″, чиј сопственик Ратко Димитровски платил500.000 евра за СЈО да му го врати пасошот и да го стопира прогонот во случајот „Поштенска Банка” – дознава “Економски Лидер“.
Нашиот високо-позициониран извор од истрагата, тврди дека за истиот случај, бил изрекетиран и сопственикот на компанијата „НОЕЛ” од Гевгелија, Томе Главчев, кој платил рекет вреден неверојатни 1 милион евра, за Катица Јанева и СЈО.
Како што дознаваме од извори во истрагата, жртва на рекет на обвинителско-медиумската групација бил и Дејан Панделески, газдата на „Лозар Пелистерка”, кој исто како и Орце Камчев беше дел од случајот „Империја” и исто како Камчев беше ослободен од притвор и му беше вратен пасошот. За оваа услуга од СЈО, според нашиот извор од истрагата, Панделевски платил 1.5 милиони евра.
Текот на парите наведува дека рекетиран бил и бизнисменот Владимир Тодоровиќ од „ТИНЕКС”, од кого оваа група извлекла 200.000 евра. Но Тодоровиќ јавно говореше, дека овие пари ги дал како бизнис соработка, а не како рекет.
Во обвинителските кулуари, орбитира информацијата дека жртва бил и Сиљан Мицевски кој наводно платил рекет од 2 милиони евра, за да не биде поврзан со некој од случаите на СЈО.
Жртва на рекетот била и компанијата Трим и Лум од Струга, која наводно платила 800.000 евра.
Се очекува во наредните денови сите овие бизнисмени да сведочат за овој рекет, а освен нив, орбитираат и имињата на Зоран Азманов од „НАСТЕЛ”, кој јавно проговори дека бил рекетиран.