Обвинителите во турската престолнина Анкара започна истрага за видео снимка на која се гледа кукла со ликот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган како виси за нозе на мостот во главниот град на Шведска, Стокхолм.
Истрагата уследи по жалбата на адвокатот на Ердоган, објави државната новинска агенција „Анадолија“.
Шведскиот амбасадор во Анкара по објавувањето на видеото е повикан во турското министерство за надворешни работи.
„Очекуваме дека сторителите на инцидентот ќе бидат идентификувани и дека ќе се спроведат потребните процеси и Шведска ќе ги исполни своите ветувања“, изјави дипломатски извор од Турција.
На снимката која во четвртокот ја споделија провладините турски медиуми, се гледа, како што рекоа, протест на членови на ПКК на кој пред градското собрание во Стокхолм обесиле кукла на Ердоган.
Овој нов инцидент се случува во време кога Турција од мај го спречува влезот на Шведска, и Финска, во НАТО, под обвинение дека на својата територија обезбедува засолниште на членовите на ПКК и организациите блиски до неа, кои ги смета за терористички.
Видеото објавено на Твитер од Ројавин одбор (именувано по курдската територија во северна Сирија) ја прикажува егзекуцијата на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини во 1945 година и кукла што може да го претставува Ердоган како виси на јаже.
„Историјата ни кажува како завршуваат диктаторите“, стои во текст над видеото. „Време е Ердоган да поднесе оставка пред да биде обесен на Таксим“, познатиот плоштад во центарот на Истанбул.
На видеото се гледаат многу малку луѓе. Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром рече дека Стокхолм го осудува инцидентот.
„Владата ја штити отворената дебата за политички избори, но силно се оградува од заканите и омразата кон политичките претставници. Одвратно е да се прикаже народно избраниот претседател погубен пред градското собрание“, напиша Билстром на Твитер.
‘Erdogan’ in Stockholm! pic.twitter.com/18bcHon0AS
— Ashok Swain (@ashoswai) January 12, 2023