Бројот на смртни случаи од КОВИД-19 во светот може да се искачи на два милиони пред да започне да се користи ефективната вакцина и може да биде уште поголем доколку со координирана акција не се потисне пандемијата, соопшти во петокот Светската здравствена организација (СЗО), изразувајќи загриженост за растечката епидемија во Европа.
„Ако не дејствуваме заедно … бројот за кој зборувате за жал, ќе биде многу веројатен“, рече Мајк Рајан, шеф на одделот за кризи на СЗО, во петокот.
Бројот на смртни случаи, приближно девет месеци од откривањето на коронавирусот во Кина, се приближува до еден милион.
Рајан рече дека не треба да се обвинуваат младите за неодамнешниот пораст на заразените и покрај зголемената загриженост дека младите го шират вирусот по олеснителните мерки и карантинот низ целиот свет.
„Навистина се надевам дека нема да почнеме да покажуваме со прст: дека сето тоа е поради младите“, рече Рајан. „Последното нешто што и треба на една млада личност, е стара личност да ја морализира и да покаже со прст кон неа.
Стапката на Ковид-19 и побарувачката за болнички кревети се зголемуваат во Европа, каде властите треба да работат на спречување на ширењето на вирусот пред сезоната на грип, изјави висок претставник на СЗО во петокот.
„Европа треба многу да стори за да ја стабилизира ситуацијата и да го стави под контрола пренесувањето на инфекцијата“, рече Мајк Рајан. „Во рамките на тој голем простор, гледаме загрижувачки пораст на болеста“.