Министерството за здравство на Израел објави дека заштитата со вакцината на Pfizer-BioNTech е значително намалена во споредба со зимата и пролетта, иако сеуште штити од сериозни форми на болеста
Според државните здравствени статистики, експертите процениле дека дозата на Pfizer кон крајот на јуни и почетокот на јули заштитила само 39 проценти од инфекцијата со „Ковид-19“, во споредба со 95 проценти од јануари до почетокот на април. Во двата временски периоди, Pfizer бил повеќе од 90 проценти ефикасен во спречување на тешки форми на болеста ковид-19.
Израелските научници предупредија дека новата студија за ефективноста на вакцината Фајзер е направена на многу помал број испитаници од претходно и за пократок временски период.
Д-р Ран Балисер, шеф на израелскиот Национален советодавен совет на експерти за „Ковид-19“, рече дека е исклучително тешко точно да се процени ефективноста на вакцината и дека се потребни дополнителни анализи на податоците за да се разбере што точно се случува, пишува „Њујорк тајмс“ .
„Мислам дека податоците треба да се земат многу внимателно поради малиот број испитаници“, рече Еран Сегал, биолог од Институтот за наука Вајцман.
Сепак, новите проценки предизвикуваат загриженост во Израел и на други места во светот, и многумина се загрижени дека вакцината може да изгуби дел од својата ефикасност. Можното објаснување за оваа ситуација е зголемениот број случаи на повеќе заразната варијанта делта или слабеење на ефектите од вакцината по некое време.