Комисијата за заштита од заразни болести денеска донела заклучоци и предложила две мерки до министерот за здравство, Беким Сали.
– Укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата е првата предлог-мерка, а втората е укинување на ослободувањето од работа за бремените жени согласно препораките на релевантните институции, изјави денеска на прес конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ.
Тој ја појасни првата предлог мерка за укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата.
– Тоа не значи дека во земјите каде што ќе биде потребно да поседувате ПЦР тест или сертификат дека сте вакцинирани или дека сте прележале ковид-19 дека таму нема да ви се бара, туку напротив – при излез од земјава, се укинува мерката којашто беше донесена минатата година дека треба да ги поседувате и да ги покажете на нашата граница, рече д-р Мехмедовиќ.