За македонските државјани, границите кон Грција и понатаму се затворени до 15 јули со оглед на тоа дека јужниот сосед се води според одлуките на европско ниво. Сега македонските туристи се во исчекување на овој датум, кога повторно би требало да биде ревидирана листата, а Македонија ако дотогаш ја подобри епидемиолошката слика, влезот би бил дозволен.
Бидејќи нема македонски туристи во грчките летувалишта, ви пренесуваме информации од српски туристи, кои за Blic информираат какви се цените во Грција.
Угостителите чекаат туристи
Пред да се случи проблемот со затворање на границите, во понудата за сместување можеше да се забележи одредено зголемување на цените во одредени објекти како компензација на загубите.
Сепак, по избивање на пандемијата грчките хотелиери сфатија дека постои можност тие да го загубат еден од пазарите којшто оваа година ќе претставува ‘рбетот на сезоната и пристапија со масовни попусти во хотелската и во понудата на апартмани.
Како што велат, има туристи, а цените на некои производи останале исти, некои се нешто пониски, а некои останале во просекот.
Така, во зависност од местото, но и престижот на објектот што може да се посети, кафето може да се пие за 2,5 до 5 евра. Просечната цена на редовната марка пиво е од 3 до 4 евра, а коктелите од 6 до 10 евра. Водата е стандардна 50 центи за шише или 1,5 евра за литар во таверните. Сите угостителски објекти обично носат бесплатна вода во бокали со кафето, но некои не ја пијат таа вода затоа што тоа е всушност филтрирана вода од чешма. Цените на гирото се разликуваат од 2 до 3 евра во просек, а пицата од 6 до 10 евра, во зависност од местото, вели туристка за српски „Блиц“.
Друг турист , пак, им испратил сметка од таверна од Тасос, која изнесува 20 евра и опфаќа две главни јадења, салата, леб, два пијалоци и литар вода. Комплетна вечера со морска храна во добар ресторан во Ормос Панагиас чини 46 евра, што е иста цена од претходните години.
Во рестораните и таверните се следат прописи според кои растојанието помеѓу масите е поголемо од вообичаеното, а келнерите носат маски или визири “.
Мерките за заштита се почитуваат и на плажа, цените на комплетите се пониски и до 50 проценти, а цените на овошјето и зеленчукот се слични со српските.
„Што се однесува до лежалките и чадорите, годинава, заради здравствени протоколи, сите објекти што ја нудат оваа услуга мора да ги постават на растојание од 4 метри, а цените се пониски од порано. Во Халкдики, во барови каде што сетот чинел 10 евра до минатата година, сега наплатуваат 5.
Цените на зеленчукот и овошјето во пиљарите и маркетите се приближно слични на српските цени, додека месото е малку поскапо. Остатокот од понудата е ист како порано “.