На американскиот претседател Џо Бајден му е дијагностициран и отстранет рак на базалните клетки– изјавил неговиот лекар додавајќи дека не е потребен дополнителен третман.
Кевин О’Конор, лекарот од Белата куќа, кој беше долгогодишен лекар на Бајден, рече дека „целото канцерогено ткиво било успешно отстрането“ за време на рутинскиот преглед на претседателот на 16 февруари. О’Конор наведува дека 80-годишниот американски претседател е „здрав, силен“ и „способен“ да ги извршува своите должности во Белата куќа, пренесува АП.
Лекарот изјавил и дека пределот од кој е отстрането канцерогеното ткиво е убаво зараснато и дека претседателот ќе продолжи со редовните кожни прегледи како дел од неговиот рутински здравствен план.
На Бајден му беа отстранети „неколку локализирани немеланомни карциноми на кожата“ од неговото тело пред да стапи на функцијата, вели О’Конор во своето резиме за здравјето на претседателот на 16 февруари, пишува АП. Тој истакнува дека Бајден поминал многу време на сонце за време на неговата младост.
На првата дама Џил Бајден и беа отстранети две лезии на базалните клетки од десното око и градниот кош во јануари.