Фронтеменот на “Меморија“ Петар Георгиевски – Камиказа на својот Фејсбук профил, со своја приказна објасни како во Белград се дружел со Горан Бреговиќ и Бора Ѓорѓевиќ и за советот што му го дал Брега.
Најубавите и најискрени “музички” денови ги поминав како и многу “младинци” токму во просториите на Дом на млади. Тука со бендовите вежбавме, носевме по некоја девојка на проба, 🙂 и потоа сигурно ни стануваше девојка, а за неброените концерти кои се организираа во Дом на млади за “шверц” беше задолжен Панде Чекерко, Егеец по вокација (Господ да го прости). Тука беше и Миле Блаур, Тасе чуварот, Томче тонецот кој пораснаа во Дом на млади и уште многу други ликови кои го правеа овој простор интересен за еден куп интересни доживувања.
Тука се случуваше штафетата на младоста за чија прослава свирев во неколку наврати со различити бендови и во тоа време тоа беше голема чест да настапуваш на таков настан. Нема да пишувам за сите бендови посебно, но низ слика ќе пробам да ве потсетам само на дел од она време кога свиревме во Дом на млади.
Отворениот простор каде што свирам со група Маџ е еден од првите настапи во отворениот простор на Дом на млади. По многу години овој простор почна да се вика Хард рок. Во просториите на вториот спрат кои сега е хотел, неколку бендови имавме простории за вежбање, а најголемата на први спрат ја имаа Леб и сол. Тие во тоа време беа најголеми звезди и како што е ред го имаа најголемиот простор. По нив со нас заедно вежбаше групата Ден за ден и како што бива јас со мојот бенд од Хард-рок прејдов во Џез-рок (бидејки сите свиреа џез-рок, логично :-)) Со групата Нова генерација во Заечар го освоивме првото место од публика со песната “Билјана платно белеше“, но прво место севкупно зеде групата Паук од Завидовиќи со обработката на песната “Друже Тито ми ти се кунемо“!
По освоената награда во Заечар бев на гости во радио Белград кај Никола Караклајиќ, еден од најпопуларните водители во тоа време, во емисијата “Вече уз радио“. Со мене во студиото беа и Горан Бреговиќ (го промовираше вториот албум на Бјело Дугме) и Бора Ѓорѓевиќ (кој по распаѓањето на Рани мраз ја формираше Риблја чорба и ја промовираше песната “Лутка са насловне стране)“, а водителот Караклајиќ ја имаше“ YU“ во мало, Брега од Сараево, Бора од Белград и Перо од Скопје. Се убив од правење муабет на лош српски јазк, а двајцава не можеа да дојдат до збор од мене (шта зна дете шта је шанса кад добије микрофон!). По моето интензивно излагање ме поканија на пијачка во Шуматовац и тогаш Брега ми ја кажа историската реченица, што си ја повторувам како мантра кога ке претерам со раскажување во музиката: “Мали, музика није дизање тегова, него мисао и пауза“.
Патувајќи за Скопје со ноќниот брзи воз полека ми се средуваа мислите и станав свесен за реченицава што ја кажа Брега.
По враќањето престанав да свирам џез и со Крле, Г’зла и Бато го формиравме првиот панк бенд во бивша “YU“ – Фол јазик. Ете сега знаете кој е крив за првиот панк бенд во бивша YU! Горан Бреговиќ!!!! Сега повторно вежбавме во Дом на млади, ама во подрумите, бидејки сосема одговараше со нашата нова панк идеологија. Со Брацо тогаш ги снимивме и првите снимки со бендот токму во подрумите на тогашен Дом на млади.
После неколку успешни настапи во бивша “YU“, Крле и Г’зла една ноќ откако се разделија со мене (заедно јадевме плескавици кај Јаковце на Стара железничка) до сабајлето се допиле и почнале да се расправаат за поделбата на парите што ќе ги имаме кога ќе станеме многу славни! А тоа “само што не се случило!” Така пијани едниот со боксови, а другиот со шипка го запечатија постоењето на Фол јазик.
Потоа следеше нова фаза, со групата Резервоар со која настапивме на последната штафета на младоста пак во Дом на млади.
(Превземено од Фејсбук)