Колку е 869.463.853 помножено со 73? Иако просечниот човек веднаш би посегнал по дигитрон, 20-годишниот Нилаканта Бану Пракаш веќе го има одговорот. Резултатот е 63.470.861.269, а на Бану, кој е познат како „најбрзиот човечки калкулатор во Индија“, му се потребни само 26 секунди да одговори, пренесува Си-ен-ен.
Умот на Бану процесира 12 броеви во секунда, што е за десет пати побрзо од умот на просечните луѓе. Според Бану, невообичаената способност се постигнува со неговиот метод наречен „структурирана пракса“.
– Методите што ги користам се многу слични на општите методи, но одредени работи – во основа, се оптимизација на мозокот. Јас ги оптимизирам своите методи и ги правам подобри од порано – вели Бану.
Но, љубовта кон математиката и брзината во пресметките се резултат на страшна и трауматична несреќа. Во 2005 година, на 5-годишна возраст, Бану се возел на скутер со негов братучед, кога ги удрил камион. Тој паднал и се здобил со пукнатини на черепот, по што биле потребни неколку операции, 85 шевови и докторите морале да го стават во седумдневна вештачка кома. Сите стравувале дека тој ќе има големо когнитивно оштетување, по што поминал една година во кревет.
За време на закрепнувањето, Бану научил да игра шах и да решава загатки, а потоа напреднал и во математичките проблеми. Поради лузната со која се здобил, неговите родители ги отстраниле сите огледала од нивниот дом, но Бану решил таа да не му влијае негативно. Лузната од повредата му овозможила тој да стане човечки калкулатор.
– Се сеќавам на болката… тоа беше најтрауматското искуство што го имав во мојот живот. Не можев да одам на училиште една година. Морав да се потпрам на загатки и бројки за да бидам подобар – вели овој млад човек.
Солзите на таткото
Како седумгодишно момче, Бану го освоил третото место на државниот натпревар во 2007 година за „брза аритметика“. Она што оставило силен впечаток кај него биле солзите на неговиот татко.
– Татко ми не плачеше поради медалот, туку за сè што поминав за да стигнам таму – вели овој математички генијалец.
Следувале успеси, а во 2011 година победил на државниот натпревар по аритметика. Кога имал 13 години, тој ја претставувал Индија на светските натпревари и соборил дури четири рекорди за најбрза пресметка, множење, супер одземање и умствена математика.