Пред 31 година почина славниот Фреди Меркјури, еден ден откако обелодени во јавноста дека боледува од ХИВ.
Беше мрачен ноемвриски ден кога светот го преплави веста дека починал британскиот пејач, текстописец и член на рок групата „Queen“. Ден пред смртта, Фреди призна во јавноста дека е заразен со ХИВ.
Но, најголемата тајна сепак ѝ ја доверил на Мери Остин, жената за којашто велел дека е најголемата љубов во неговиот живот.
Поранешната свршеница на Меркјури, со којашто поминал пет години во врска, преку тестамент добила обврска да се погрижи за пепелта и никогаш да не се дознае каде е или што направила со него. Таа успеала да ја оправда неговата доверба, и оваа тајна ја сочувала дури и од родителите на Фреди, ама и од неговиот последен долгогодишен партнер, Џими Хатон. Всушност, до денешен ден, никој освен неа не знае каде се наоѓа урната со пепелот на легендарниот пејач на групата Квин.
„Си мислев: „Ох Фреди, ми остави толку многу, и толку многу товар. Мислев дека не можам да се справам со тоа. Ме предупреди дека куќата ќе биде поголем предизвик отколку што сум свесна. Благодарна сум му на тоа што ме предупреди бидејќи набрзо се судрив со голема љубомора“, изјавила Мери во една прилика.
„Беше покрај него пред сè и покрај сè“, изјавил биографот на групата во една прилика. Таа го поддржувала во одлуката за лекување и му ветила дека никој нема да дознае дека боледува од ХИВ сè додека тој не го обелодени тоа.
Фреди и Мери се запознале на почетокот на седумдесеттите години минатиот век и биле заедно пет години. Секој заминал на своја страна кога Фреди се запознал со продуцент од американската компанија „Електра рекордс“ и започнал романтична врска со него. И покрај ова останале блиски и Фреди ја сметал за својата најдобра пријателка.
Иако во 1985 година Фреди ја започнал својата втора долга врска, овој пат со фризерот Џим Хатон, со кого живеел до смртта, Мери е таа што го наследила неговото богатство – имотот вреден 20 милиони фунти во западен Лондон и 9 милиони фунти во пари.