Тригодишната Еми лежела во кревет покрај нејзината најдобра другарка во градинка во Тајланд, кога вооружен маж упаднал со пиштол и нож. Таа била единствената преживеана од масакрот.
Во групата на Еми имало 11 деца и сите била на возраст околу три години. Наставничките околу 10 часот им испратиле на родителите фотографии од насмеаните деца како цртаат и бојат.
Два часа подоцна, кога децата спиеле, поранешниот полицец Пања Камраб упаднал во зградата, пукал во персоналот, вклучително и во жена која била во осмиот месец од бременоста, а потоа влетал во три училници.
Ги убил сите другарчиња на Еми додека спиеле. Не е познато како преживеала. Таа била пронајдена будна покрај телата на нејзините другарчиња.
„Не знаела што се случило кога се разбудила. Мислела дека сè уште спијат. Полицаец ѝ го покрил лицето со крпа и ја однел“, рекол нејзиниот 59-годишен дедо Сомсак Сритонг.
Ја однеле на вториот кат и продолжиле да бараат преживеани.
Таа е единственото дете што преживеало, 24 деца и 13 возрасни биле убиени.
„Се чувствувам благодарно што преживеа. Ја држев цврсто кога првпат ја видов“, изјавил Сомсак.
Нејзината мајка, 35-годишната Паномпаи Сритонг, работи во Бангкок во текот на неделата. Ѝ кажале дека сите деца се убиени и не можела да поверува кога ѝ рекле дека Еми преживеала. Ѝ олеснало дури по видеоповикот што го добила од нејзината ќерка.
Бабата и дедото на Еми не знаеле што да ѝ кажат. Таа сè уште прашува за нејзината најдобра другарка со која спиела додека им се допирале стапалата.
„Баба ѝ на крајот ѝ кажа дека ѝ починале сите другарки, како и учителките и дека градинката е затворена. Таа сакаше да оди во градинка секој ден. Мораме постојано да ѝ кажуваме дека градинката е затворена. Таа не го разбира концептот на смрт“, раскажал дедото.