Жителите на италијанското село Монталдо Торинезе кое се наоѓа во северниот регион Пиемонт, засега се поштедени од коронавурусот, поради што многумина веруваат дека се заштитени поради “чудесната вода”, која, според легендата, ја излечила војската на Наполеон Бонапарта од пневмонија, пишува “Guardian”.
Монталдо Торинезе се наоѓа на околу 19 километри од Торино, престолнината на регионот во кој до саботата имало 3.658 заболени од коронавирус. Ширум Пиемонт, четвртиот најлошо погоден регион во Италија, во неделата имало 8.206 заболени.
Се верува дека водата од бунарот во ова село, во кое има 720 жители, помогнала да се излечи војската на Наполеон, која поставила камп во селото во јуни 1800-та година, пред битката во Маренга.
“Според легендата, генералите на Наполеон имале пневмонија. А благодарение на чистиот воздух и недопрената природа, тие биле излечени. Во текот на тој период веројатно помогнала и водата. Но, денес бунарот е затворен и водата од него се користи само за наводнување на полињата. Не можеш да пиеш од него”, рекол за Guardian градоначалникот на ова место, Серџо Гајоти.
Монталдо Торинезе во главно има постара популација, но исто така е дом и на млади семејства, кои патуваат во Торино на работа.
Гајоти вели дека веројатните причини за отсуството на вирусот би можеле да бидат чистиот воздух и здравиот начин на живот, како и неговите напори да ги предупреди луѓето на ризикот од коронавирусот и да дистрибуира маски за лице за сите семејства.
“Тука речиси и да нема индустрија, во главно има занаетчии. Од почетокот ставам известувања во поштенски сандачиња во кои е наведено што е потребно да се прави за да се биде сигурен, како што е редовно миење на раце и избегнување на директен контакт”, додал градоначалникот.