Италијански ресторан им нуди бесплатно шише вино на гостите кои ќе се откажат од мобилните телефони за време на оброкот.
Целта на Анџело Лела, сопственикот на неодамна отворениот ресторан „Ал Кондоминио“ во Верона, е да ги поттикне гостите да разговараат додека јадат наместо постојано да гледаат во нивните телефони, објави „Гардијан“.
Лела рече дека сака да отвори ресторан кој се разликува од другите.
„Технологијата станува проблем – нема потреба да гледате во телефонот на секои пет секунди, но за многумина тоа е како дрога… На овој начин тие имаат способност да го остават телефонот на страна и да испијат добра чаша вино“, вели Лела.
Гостите од ресторанот кои ќе се решат да го сторат тоа, го ставаат телефонот во посебна кутија на влезот и го покажуваат клучот на келнерот кој ќе им донесе шише вино.
Во кутијата гостите можат да ја стават и својата оценка за оброкот, а на оние кои се највпечатливи ќе им биде понуден оброк следниот пат кога ќе дојдат.
„Гардијан“ пишува дека со ветувањето за бесплатно вино, ресторанот стана популарен меѓу оние кои се подготвени да се „детоксираат“ од мобилните телефони.
„Одговорот беше многу позитивен“, рече Лела, додавајќи дека 90 отсто избрале да ги остават телефоните во замена за вино.
Лела рече и дека е убаво да се видат луѓето како разговараат меѓу себе наместо да гледаат слики или да одговараат на пораки.
„Ал Кондоминио“ верува дека тоа е првиот ресторан во регионот Венето со новата иницијатива, иако има неколку други, вклучувајќи го и оној во Тоскана кој на гостите им дава ваучери доколку ги остават своите мобилни телефони зад себе.