Искра Лоренс е позната манекенка која привлекува големо внимание со своите моќни пораки за љубовта кон себе и прифаќањето на сопственото тело. Во своето најново интервју, таа открива дека со години се борела со сликата што ја имала за своето тело.
Милиони луѓе што поминале низ слични битки се поврзале со нејзината приказна, а нејзината порака за себеприфаќање инспирира многумина да пронајдат убавина во своите уникатни карактеристики. Искра Лоренс има сè поголема самодоверба, што ја прави уште попривлечна и поубава.
Лоренс открила дека не била секогаш толку вљубена во своето тело. Себеприфаќањето го стекнала со многу работа и труд.
„Тоа не е нешто што го имаме од раѓање. Порано го доживував своето тело како непријател, бидејќи модната индустрија во тоа време ми налагаше да бидам повисока и потенка. И не можев физички да го направам тоа. Колку и да се ограничував во јадењето, моите колкови и понатаму беа прешироки. Но не можете да мислите дека вашето тело ви е непријател, кога тоа е вашиот дом. Долго траеше промената на таа приказна, но сега не се грижам за растојанието меѓу бутовите или целулитот. Станува збор за промена на приоритетите од тоа како вашето тело изгледа на тоа што може тоа да направи“, објаснила Лоренс.
Самодовербата не си дошла сама од себе, туку Лоренс напорно работела за да се ослободи од комплексите што ги имала.
„Порано имав комплекс на совршенство, кој негативно се манифестираше кога бев опседната со обидите да ослабнам. Бидејќи како перфекционист, никогаш не сакате да се откажете. Па така, кога почнав да сфаќам дека никој не е совршен и кога почнав да го интегрирам тоа во други области од животот, престанав да се чувствувам виновно поради тоа што сум го јадела и што сум сакала да кажам ‘не’ на одредени работи“, рекла таа и додала:
„Сфатив дека смеам да грешам, неуспехот е само дел од животот, и тоа е лекцијата што ми помогна да се ослободам од притисокот. Ние самите сме си најголемиот непријател, а мора да бидеме својот најдобар пријател.“
Искра е доказ за тоа колку самодовербата може да влијае врз самиот изглед, со оглед на тоа што не се двоуми дали да носи модни парчиња за кои владее мислењето дека треба да ги носат исклучиво слаби жени. Во една пригода, без проблем облекла хеланки што го исцртуваат телото и покажала дека можат совршено да ѝ прилегаат на секоја жена, како и дека тајната на добриот изглед лежи во самодовербата.
Таа често ужива на плажа, не грижејќи се за целулитот и вишокот килограми, а покажала и дека е жив оган кога ќе продефилира на плажа во костим за капење.