Политичарите живеат подолго од граѓаните кои ги застапуваат, покажало истражување на научниците од Универзитетот Оксфорд, кои ги споредувале податоците во 11 земји и го следеле животниот век на повеќе од 57.000 политичари од раниот 19-ти век до денес. Анализата покажала дека политичарите во просек живеат 4,5 години подолго од популацијата од која доаѓаат.
Разликата во животниот век на политичарите и “обичните” граѓани варира од земја до земја, а најголема е во Италија и изнесува 7,5 години. Најмала е во Швајцарија – 3 години.
Научниците велат дека различната должина на животот може да биде последица од високите примања на политичарите, што влијае на нивниот стил на живот и пристап до здравствена заштита. Тоа се гледа во разликата во примањата на британските пратеници, кои годишно заработуваат повеќе од 84.000 фунти, додека просечната плата во Велика Британија е 24.600 фунти.
Научниците забележале дека во текот на времето се зголемува разликата во животниот век на политичарите и останатото население, и тоа важи за речиси сите држави. Така, во доцниот 19-ти век и на почетокот на 20-тиот политичарите и останатото население живееле речиси исто.
Меѓутоа, во текот на 20-тиот век разликата во должината на животот се зголемила, па политичарите стекнале поголема предност во преживување во однос на општото население.
Заклучокот од истражување е дека најдолго живеат политичарите во Италија, дури седум и пол години подолго од своите сограѓани. Политичарите во САД живеат седум години подолго, во Франција шест, а во Германија четири и пол години подолго од останатите граѓани. Во Канада, Нов Зеланд и Австрија претставниците на граѓаните живеат четири години подолго, во Австралија, Холандија и Велика Британија три и пол години, а во Швајцарија “само” три години подолго, пренесува “N1”.