Првата најава за документарниот серијал „Бекам“, кој ќе се емитува на Нетфликс на почетокот на октомври, веќе крена прашина. Како што самото име кажува, тој му е посветен на херојот на работничката класа и фудбалската легенда Дејвид Бекам, кој од своите скромни почетоци прерасна во глобална икона.
Покрај неговите неверојатни спортски успеси, приказната го следи и приватниот живот на легендарната десетка – тоа е бројот што го прослави Бекам носејќи го на грбот во репрезентацијата и во Манчестер Јунајтед, а посебен дел му е посветен на неговиот брак со Викторија Бекам, кој ова лето ја прослави својата 24. годишнина.
Во серијалот се појавува и Сандра Бекам, мајката на Дејвид, која пред камерите ги раскажала стравовите што ја обзеле кога нејзиниот син започнал врска со славната „спајсица“.
„Се плашев дека поради неа ќе изгуби сè. Беше очигледно колку е полуден по неа и се чинеше дека во тој период фудбалот падна во втор план. Единственото нешто што го интересираше беше Викторија“, раскажала Сандра Бекам.
Дејвид Бекам многупати досега има раскажано дека се вљубил на прв поглед во својата сопруга и дека едвај успеал да среди да се запознаат. Таа далечна 1997, кога немало паметни телефони, го запишал нејзиниот телефонски број на својата авионска карта од страв да не го изгуби, а го чува и денес во својот сеф.
Сопругата ја запросил во 1998 со дијамантски прстен вреден 65 илјади фунти, а се венчале во 1999 година во дворецот Лутрелстоун во Даблин. Доказ за неговата љубов се и бројните тетоважи со кои го украсил своето тело: ги има повеќе од 50, а речиси сите се посветени на нивната љубов, синовите Бруклин, Ромео, Круз и ќерката Харпер.
Малкумина знаат дека пред Дејвид, Викторија била свршена за инсталатерот на противпожарни аларми, Марк Вуд, а неговото презиме го користела на првите настапи со Spice Girls, кога се потпишувала како Викторија Адамс Вуд, иако не биле венчани. Но тоа сега е далечно минато, бидејќи ретки се двојките што имаат преживеано 24 години брак, како што тоа е случајот со Викторија и Дејвид Бекам.