Ен Хатавеј е на насловната страница на новиот број на „Венити фер“. Во интервју за овој магазин таа откри дека го изгубила своето бебе во 2015 година додека работела на шоуто „Grounded“, за жена пилот на американските воздухопловни сили која е приземјена откако ќе забремени.
– Првиот пат не ми одеше. Работев на претстава и морав да се пораѓам на сцена секоја вечер – рекла таа за „Венити фер“, мислејќи на приказната за нејзиниот лик во претставата.
– Беше премногу да го држам во себе тоа додека бев на сцената преправајќи се дека сé е во ред. Инаку, сè мораше да биде многу реално. Навистина е тешко да сакаш нешто толку многу и да се прашуваш дали правиш нешто погрешно – додала актерката.
Во бекстејџот на театарот таа ја споделила тажната вест со своите пријатели дека го изгубила бебето.
Подоцна сфатила дека спонтаните абортуси се чести, иако за тоа не се зборува многу.
Зборувала и за својата прва бременост, во текот на која се соживувала со оние кои имале проблеми со плодноста.
– Значи, кога ми тргна на добро, бидејќи бев на другата страна, сакав да им дадам до знаење на моите „сестри“: „Не мора секогаш да бидете грациозни. Ве гледам, јас бев на вашето место“ – порачала Ен.
Ен е во брак со Адам Шулман од 2012 година. Нивниот прв син Џонатан се роди во март 2016 година, а синот Џек пристигна на крајот на 2019 година.