Тифен Озиер, пасторката на Емануел Макрон, за првпат се огласила околу скандалозниот однос на нејзината мајка со претседателот на Франција.
Озиер, чие интервју веројатно ќе биде непријатно за читање како за Макрон, така и за првата дама Брижит Макрон, признава дека и понатаму е повредена од „забранетата врска“ помеѓу омажената наставничка и тинејџерот. Ќерката на првата дама од првиот брак, исто така, го искористила разговорот за неделникот „Paris Match“, како би одговорила на тврдењата дека нејзината мајка е родена како маж.
Озиер имала само 10 години кога дознала дека нејзината мајка се гледала со својот ученик, кој бил 25 години помлад од неа. Брижит во тоа време била во брак, па нејзините три мали деца морале да трпат постојани прашања за „забранетата врска“ во Амиен на северот од Франција.
„Научив многу за човечката природа. Знам дека мора да се фокусираме на суштинското и да одиме напред не земајќи ги предвид критиките. Напади, критики, осуди … Сè уште не беше ерата на социјалните мрежи, но бевме во мал провинциски град. Сè се знае. И покрај сè, стоеја исправено. Стекнав отворен ум и желба да одам напред без да ја слушам периферната бучава. Стекнав поголема толеранција“, навела Озиер, која сега има 40 години во интервјуто објавено во четвртокот.
Озиер била особено вознемирена бидејќи нејзиниот понижен татко Андре-Луис Озиер бил принуден да го напушти семејниот дом во 1994 година, иако од Брижит се развел дури во 2006 година.
Макрон се оженил со Брижит една година подоцна.
„Разделбата на семејството може да биде и тага и прилика. Рекомпонирањето може да се покаже како збогатување. Имам сакан татко и очув“, зборувала младата адвокатка која говорела за својот татко во сегашно време, иако тој починал во 2019 година на 68-годишна возраст.
„Paris Match“ наведува дека младиот Емануел често доаѓал на вратата на семејството Озиер и дека гласините растеле и имале влијание на трите деца.
Озиер, која неодамна објавила нов роман, навела и дека е повредена од тврдењата на социјалните мрежи дека Брижит е родена како маж.
„Загрижена сум за нивото на општеството кога ќе слушнам дека на социјалните мрежи кружат гласини дека мојата мајка е маж. Загрижува самодовербата со која се пренесува тоа, како и кредибилитетот кој се дава на таквите гласини. Како да одолееме на дезинформациите од социјалните мрежи“, прашува Тифен, која сега живее во Кале заедно со сопругот и двете деца.
Патиштата на Емануел и Брижит Макрон за првпат се вкрстиле во ексклузивното средно училиште во северна Франција. Актуелниот француски претседател имал само 15 години кога ја зaпознал госпоѓата Озиер, учителка, која била 24 години постара од него.
Учителката и ученикот со месеци секој петок во вечерните часови соработувале на претставата „Уметноста на комедијата“ на италијанскиот писател Едуардо Де Филипо.
Дуото работело на сценариото до доцна во ноќта. Ниту еден од нив не морал да оди далеку како би стигнал дома. Учителката живеела во куќа во близина, додека ученикот пешачел до куќата на своите родители во богатиот дел на Амиен. На премиерата, тинејџерот се поклонил и ја бакнал својата учителка во двата образи, додека г-ѓа Озиер се смеела со очигледно воодушевување.
Тогаш се појавила искрата за тоа што било почетокот на љубовна врска.
Брижит, која тогаш имала 39 години, била во брак со банкарот Андре-Луис Озиер, со кој имала две ќерки и еден син.
„Секој петок одев да пишувам драма со неа, на неколку часа. Разговаравме за сè и открив дека отсекогаш сме се познавале“, изјавил подоцна францускиот претседател.
Брижит, чија најстара ќерка Лоренс била во исто одделение, навела дека била воодушевена од неговата интелигенција и дека имала чувство дека работи со Моцарт.
Првиот знак, кој навестувал дека нивниот однос е многу повеќе од академски, бил забележан по завршната претстава во локален ресторан. Извесен студент го набљудувал парот како разменува нежности.
Нивната романса процветала и предизвикала скандал во провинцијата. Родителите на Макрон потоа го испратиле во Париз да посетува друго училиште, но тоа не ја згаснало желбата да биде со својата учителка.
Брижит објаснила дека го пролонгирала цели 10 години бракот со Макрон поради нејзините три деца кои се приближно на иста возраст како и нејзиниот помлад партнер. Таа се омажила за тогашниот млад државен службеник, кој бил во доцните дваесетти години, на 20 октомври 2007 година, една година откако претходно се развела со сопругот Андре Луис Оизер.