Д-р Даниела Николовска со одговори на вашите најчести прашања во врска со грипот. Таа во својата објава на Фејсбук вели „Трпение! Грипот трае. Не постои магичен лек со кој ќе оздравите за 24 часа“.
1. Колку дена трае?
– до целосно оздравување поминуваат 7-14 дена. Сувата кашлица може да продолжи уште две недели по оздравувањето.
2. Колку дена ќе имам температура?
– вообичаено фебрилноста трае 2-4 дена
3. Кога да се јавам за повторен преглед?
– доколку високата температура продолжи и после четвртиот ден, или доколку по 2-3 дена афебрилен период повторно добиете висока температура
– доколку настане влошување на кашлицата, имате болка во гради или отежнато дишење.
– доколку чувствувате вртоглавица
– доколку имате претерана мускулна болка и малаксаност
– доколку сте дехидрирани
– имате бледо или дури сино пребоена кожа, усни, нокти- во овој случај веднаш без одложување се јавувате на преглед
4. Кои се ризични пациенти за компликации?
– деца под 2 годишна возраст
– возрасни над 65 години
– пациенти од било која возрасна група со други хронични заболувања
– трудници
– обезни пациенти
5. Дали ако „на време” земам антибиотик нема да спуштам на гради?
– на време земен антибиотик е антибиотик земен поради компликација на грипот со секундарна бактериска инфекција. Значи редоследот е: комплкикација, па антибиотик. Антибиотиците немаат превентивно дејство!
6. Колку долго сум заразен за околината?
– контагиозноста е највисока првите 3-4 дена, а потоа се намалува. Вообичаено трае 7 дена. Сепак одредени категории пациенти можат да бидат контагиозни и подолго од 7 дена.
Затоа кога сте болни изолирајте се една недела.
7. Како полесно да го поминам грипот?
– многу одмор
– многу течности
– лесна храна
– антипиретик само при температура над 38,5 и во соодветна доза.
– оддржување на соодветна влажност на просториите во кои претстојувате и нивно редовно проветрување
– инхалации со топла пареа помагаат за сувата надразнителна кашлица, исто како и топли чаеви со мед, пастили за шмукање. Антитусици и инхалации со небулизер само во консултација со лекарот што ве следи.