Д-р Павле Зафиров на својот Фејсбук профил објави трогателна приказна за спасување на човечки живот кој бил завеан во едно од најоддалечените планински места во близина на Кратово. Тој го објаснува целосното патештствие кое го доживеале и воедно потенцира колку нашите институции, односно системот во државата не функционира.
– Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во Кратовската општина. Околу девет часот утрото заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од сестрата, внукот и кумот на внукот на лицето, се упативме во планината. По поминати околу три-четириесетина километри возилата ни заглавија во соспите снег по што моравме да продолжиме пеш. После повеќе од час и половина одење низ екстремно стрмниот и непристапен терен, бидејќи патот до куќата не беше прооден, стигнавме до имотот на лицето.
Затековме трогателна ситуација. Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сеуште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето. Го имаше најдено неговата 90 годишна мајка која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знае да ракува на телефон, успее да се јави на сопствената ќерка и да побара помош.
Го внесовме во куќата и му пруживме прва помош, но како што секогаш бива, една несреќа не оди сама. Сфатив дека ситуацијата е многу посериозна (иако и самото измрзнување е сериозна состојба која најчесто бара хоспитализација) и дека човекот очигледно има и некоја друга подлежечка состојба која треба да се испита во болнички услови.
Од тука почна нашата вистинска голгота. Поради непристапноста на теренот немавме можност (барем тогаш така мислев) да го однесеме човекот до нашиот џип. Решивме да се обратиме за помош кај сите институции во нашата општина. И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не не удостоија ни да ни кренат слушалка.
Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег.
Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилата и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата.
Ние четворицата околу 5 ЧАСА НА РАЦЕ ГО НОСЕВМЕ ПАЦИЕНТОТ ПО КОЗЈИ ПАТЕКИ, НИЗ ЕКСТРЕМНО СТРМЕН ПРЕДЕЛ И ШУМА НАМЕСТА ЗАТРУПАНИ СО СНЕГ, ПРЕКУ РЕКА И НИЗ УГОРНИЦА КОЈА РЕТКО КОЈ БИ СЕ ОСМЕЛИЛ ДА ЈА ПОМИНЕ И ПЕШ.
На крајот, накај 19 часот успеавме да стигнеме до возилата и околу 20 часот да го транспортираме пациентот во ЗД во Пробиштип каде дежурната екипа без збор и прашање го презеде пациентот и го однесе во Штип.
Доживеав 90 годишна мајка низ солзи и лелеци да не моли да го спасиме нејзиниот син носејќи го на грб по истите козји патеки по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син и. Апсурдно, нели?
Затоа, јавно прашувам:
Стојанче Ангелов за што е надлежен Центар за управување со кризи? За кревање раце и раменици, седење по канцеларии и состаноци и проследување на информации?
Љупчо Бојаџиев, за што се надлежни општинските претпријатија и градскиот татко ако не за да им бидат на услуга на граѓаните кога им се најпотребни? Или за садење цвеќиња, фарбање клупи, асвалтирање панорамски патишта и продавање празна слама и демагогии?
Почитувани Зоран Заев, Венко Филипче, Oливер Спасовски, Ви се обраќам не како експоненти на политичка пратија, туку како луѓе кои моментално се носители на фунции кои можеби можат да направат некоја разлика.
Јас, а се надевам и мнозинство на граѓани и граѓанки на оваа беспоштедно сурова Република, кои го читаат ова, НЕ САКАМ, ТУКУ БАРАМ ОДГОВОРНОСТ ЗА КОНКРЕТНИОТ СЛУЧАЈ И ОЧЕКУВАМ КОНЕЧНО ДА ПОЧНАТ ДА СЕ ПОЧИТУВААТ НЕКОИ ПРАВИЛА, ПРИНЦИПИ И СТАНДАРДИ.
Го пишувам ова испровоциран од инертноста на институциите и нивниот однос, но и од нечовечноста на луѓето вработени во нив, надвор од секаков дневно-политички контекст, знаејќи дека ќе испровоцирам реакции кои најверојатно негативно ќе се одразат на мене, но веќе искрено не ми е гајле.
На крај, да одговорам на прашањето. Човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто, -напиша Зафиров на својот Фејсбук профил.
На постот со реакција излезе министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој вели дека случајно го прочитал постот на Павле Зафиров, една неверојатно трогателна приказна за пожртвуваност, човечност и професионалност испреплетена со сведоштва за нефункционалност на институциите и непреземање на одговорност и вели дека е фрапиран од неодговорноста.
Капа долу за пожртвуваноста, професионалноста и неверојатната големина на човечката душа што овие луѓе ја покажале во време кога токму солидарноста и емпатијата се на најсилен тест, – пишува Димитров.