Докторката Елена Павлевска вработена на Клиниката за Ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, доцна синоќа излезе со потресен пост за тоа колку им е тешко на здравствените работници во нашите болници и ковид центри, како се борат за животите на пациентите, како молат бога за да не им починат пациентите. Вирусот, вели, е вон контрола и не бира возраст.
„Обично не пишувам статуси, но чувствувам морална и професионална одговорност да се обратам иако е нешто по полноќ, и додека пишувам плачам како мало дете.
Сакам најпластично да ви објаснам каква е работата на медицинскиот персонал во ковид центри овој период – СЕ МОЛИМЕ НА СИТЕ БОГОВИ ДА НЕ ПОЧИНАТ ПАЦИЕНТИТЕ!
Сѐ правиме, даваме и повеќе од себе…едноставно вирусот е вон секаква контрола и не бира возраст.
Седете дома, носете маски и гледајте некако да се вакцинирате. Сите сме ризична категорија.
Вие гледате само бројки на социјалните мрежи, ние ги гледаме лицата и расплаканите фамилии на тие бројки.И нема доволно силен човек за да се носи со сето тоа. Кога лекарите молат за помош, треба да ја сфатите работата сериозно. …а молиме предолго веќе.“, стои во драматичниот апел на д-р Павлевска.