Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во последниот парламентарен состав и кандидат за пратеник од оваа партија во петтата изборна единица, Антонијо Милошоски, е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, објави самиот на Фејсбук.
“Почитувани пријатели,
денес околу 16 ч. од домашна изолација бев примен на Инфективната клиника, заради повеќедневна покачена температура.
Други симптоми немам, дишењето е добро, апетитот и расположението исто така.
Вчерашниот тест покажа негативни резултати на Ковид19, но по препорака на специјалист од Инфективна клиника, денес направивме уште еден тест, чии резултати се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Ве поздравувам сите, а на моето семејство и на медицинскиот персонал им благодарам за поддршката.
Благодарност до сите вас за поздравите и добрите желби за брзо закрепнување.
Се гледаме наскоро, се надевам во добро здравје и со добри вести,“ напиша Милошоски на Фејсбук.
Инаку, пред 4 дена мајката на Антонио Милошоски, која е медицинска сестра, објави дека е позитивна на ковид-19, а тој посочи дека поради контакт со неа му е одредена изолација до 6 јули до кога треба да направи два теста.